Го турка ли ДУИ Малески за консензуален кандидат?

Го турка ли ДУИ Малески за консензуален кандидат?
Универзитетскиот професор и прв шеф на македонската дипломатија Денко Малески, кој во последно време се спомнува повторно како можен адут на СДСМ за престојаните претседателски избори, изјави деновиве дека не знае дали владејачките партии би можеле да изградат консензус околу него. Доколку може, изјави Малески, тоа би било предмет на сериозно размислување од моја страна.

- Тоа е товар околу кој вреди човек сериозно да размисли и веројатно да постави некакви услови за таков ангажман - изјави Малески во интервју за ТВ Клан.

На истата телевизија, минатата недела, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ја реактуелизираше идејата за консензуален претседателски кандидат, што ја пласираше првпат во времето кога беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ – пред последните претседателски избори во 2014 година.

- Ние сакаме консензуален претседател и секако дека можеме да зборуваме и за имиња, но за тоа е многу рано - рече Ахмети.

Овој пат ДУИ планира предизборна коалиција со СДСМ, како партнери во владината коалиција. Кај социјалдемократите има расположение за заеднички настап со ДУИ на претстојните избори, што би се одржале напролет следната година, со оглед на тоа што двете партии коалицираа во општините со мешан етнички состав и за време на локалните избори во 2017 година, а заеднички листи беа најавувани како можност и кога беше во оптек сценариото за предвремени парламентарни избори доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство за уставните измени.

Од СДСМ, сепак, велат дека има сè уште време до претседателските избори и дека владејачката гарнитура е фокусирана моментно на тековните политички процеси, вклучително со реформскиот план 18. Од најголемата владејачка партија велат дека околу можноста за коалицирање со ДУИ ќе разговараат кога нивните партнери официјално ќе достават таков предлог.

Во политички кругови се шпекулира дека за ДУИ, Малески е еден од посакуваните кандидати за претседател, зад кој би застанале со тоа што нема да излезат со свој кандидат во првиот круг од претседателските избори. Има и неофицијални информации за наводна средба на Малески со Ахмети, како и за средба на лидерот на ДУИ со премиерот Зоран Заев, на која била спомната можноста за поранешниот министер за надворешни работи да биде кандидат на изборите следната година. За ова вчера не добивме одговор од ДУИ. Професорот Малески исто така беше недостапен за коментар.

Во интервјуто за ТВ Клан, тој изјави дека никој не му понудил досега претседателска кандидатура, иако слушнал такви муабети во кулоарите. Рече дека своевремено се залагал шефот на државата да се избира во парламентот посочувајќи дека тоа може да биде добро решение, ама и не мора.

- Нашето досегашно искуство со претседателите го објаснував, така што тие секогаш стануваат заробеници на партиите што ги предлагаат. Тие никогаш не се издигнаа над ситуацијата и над партиските поделби. Никогаш не станаа прифатени од сите, дури и претседателот Глигоров со кого работев. Затоа, изборот на претседател во Собранието може да биде едно од решенијата, иако и така постои можност да се избере несоодветен кандидат само затоа што ќе се постигне консензус за тоа меѓу парламентарните партии - изјави Малески.

Во мај следната година, досегашниот претседател Ѓорге Иванов заминува од резиденцијата на Водно. Неговата втора кандидатура за шеф на државата во 2014 година беше потврдена откако ВМРО-ДПМНЕ го отфрли предлогот за консензуален кандидат што Ахмети тогаш премиерно го пласираше. Иванов не се вклопуваше во концептот на ДУИ, од каде што и сега сметаат дека со консензуален претседател во иднина ќе се избегнат ситуации какви што создаваше во изминатите години актуелниот шеф на државата.

Во 2014 година ДУИ првпат од формирањето на партијата не излезе со свој кандидат за претседател. Аналитичарот и поранешен министер Џевдет Хајредини смета дека ДУИ, сепак, помогнала до некаде во реизборот на Иванов со тоа што се согласила заедно со вториот круг од претседателските избори да се одржат и вонредни парламентарни избори, за да може да се постигне потребниот цензус од 40 проценти.

- Кој ќе ѝ верува на ДУИ дека со толку фанатизам бара консензуален претседател на следните избори, кога тие во 2014 година, барајќи со ист „фанатизам“ кандидат за конечен претседател, за да ја исполнат желбата на Груевски, без посебни причини, побараа да се одржат и вонредни парламентарни избори, за да се создадат услови Иванов да се избори за претседател на државата. Инаку, беше јасно дека не може да се постигне целта - вели Хајредини.

Сега, вели тој, слушаме од ДУИ дека се против вонредни избори затоа што така нема да се решат низа проблеми.

- Може ли господата од ДУИ да кажат кој проблем се реши по изборите во 2014 година, освен ако не беше цел земјата да влезе во длабока криза од која, и со голема поддршка на странскиот фактор, уште не е дефинитивно излезена. Освен тоа, лидерот на ДУИ, за жал, не кажува дека по изборите во 2016 година, тој има легитимитет да говори во име на сите Албанци исто колку и Заев, нагласува Хајредини.

Наспроти воздржаноста во СДСМ во однос на претстојните избори, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати во изминатите денови најавува изборна победа со кандидат што, како што вели, жестоко ќе го порази кандидатот на СДСМ. Досегашната практика покажува дека владејачките партии досега имале стартна предност на претседателски избори, меѓу другото, и поради поддршката што ја добива нивниот кандидат во вториот изборен круг. Иако во СДСМ велат дека моментно не им се приоритет претседателските избори, од тој табор уште од пред неколку месеци почнаа да излегуваат имиња на можни претенденти за претседателската функција.

Покрај Малески, кој од поодамна не е политички активен и чие име почна да се врти во изминатите седмици, од поодамна како можни кандидати на СДСМ се споменуваат имињата на некои од најекспонираните личности во изминатиот период: Радмила Шекеринска, Рената Тренеска Дескоска, Стево Пендаровски, Никола Димитров, а во последно време не се исклучува ниту можност од „преселба“ на премиерот Заев од „Илинденска“ на Водно.

Александра М. Митевска

Споделување со вашите пријатели: